Капитенот на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина, Един Џеко, и официјално ја заврши својата авантура во редовите на Фенербахче. По две сезони во Истанбул, босанскиот голгетер стави крај на својот престој во турскиот великан, каде беше и капитен на тимот.
За Фенер, Џеко одигра вкупно 99 натпревари, постигна 46 голови и запиша 18 асистенции – статистика достојна за почит.
„Дојде време за збогување. Тешко е да се разделиш, особено кога клубот ти влегол под кожа, како што тоа го направи Фенербахче со мене. Благодарен сум на сите што беа како семејство изминативе две години – соиграчи, тренери, клубот и луѓето што работат тивко зад сцената. Посебна благодарност за навивачите – вие сте срцето на Фенер и засекогаш ќе останете во моето. Секој ден давав сè од себе. Не успеавме да ги освоиме трофеите за кои сонувавме, но горд сум што го носев овој дрес“, напиша Џеко во својата емотивна порака.
И покрај тоа што има 39 години, Џеко и натаму е „жешка стока“ на пазарот – на негова адреса веќе стигнуваат понуди, па останува да се види каде ќе ја продолжи кариерата во новата сезона.