Деветтото коло во Првата македонска фудбалска лига денеска носи два интересни натпревари, со посебен фокус на историскиот прволигашки дуел меѓу Шкендија Арачиново и Шкендија од Тетово, како и на гостувањето на Вардар кај Скопје, кој се наоѓа на дното на табелата.
Шкендија Арачиново од 13 часот на стадионот на Чаир ќе ја пречека тетовска Шкендија во натпревар кој за првпат ќе ги соочи двата тима во рамките на прволигашката конкуренција. Иако ова ќе биде нивна прва средба во елитното друштво, клубовите досега одиграле три меѓусебни натпревари, сите во Купот на Македонија, а последниот беше во мај годинава.
Тетовци во пресрет на дуелот се наоѓаат на врвот на табелата со 19 бода од осум одиграни натпревари и ќе атакуваат на нов триумф за да ја задржат лидерската позиција. Шкендија Арачиново, пак, е петтопласирана со 13 бода и ќе се обиде да го искористи домашниот терен за да му ги помати сметките на фаворитот.
Разликата од шест бода меѓу двете екипи дополнително ја зголемува важноста на натпреварот, особено за гостите од Тетово, кои не смеат да си дозволат кикс доколку сакаат да останат на врвот.
Вториот денешен дуел ќе се одигра од 15 часот во Автокоманда, каде што Скопје ќе го пречека Вардар. „Црвено-црните“ влегуваат во натпреварот со јасна цел, освојување на трите бода и продолжување на трката со водечките екипи во првенството.
Вардар досега собра 14 бода и се наоѓа на третата позиција на табелата, па евентуалната победа би му овозможила да остане во игра за највисок пласман.
На спротивната страна, Скопје се наоѓа во тешка ситуација. Со само три бода и без ниту една победа досега, последнопласираниот тим ќе мора да бара начин да го прекине негативниот тренд. Домаќините ќе се обидат да го искористат секој момент за позитивен резултат, но против себе ќе имаат мотивиран Вардар, кој во Автокоманда пристигнува со амбиција да ја оправда фаворитската улога.