Барселона не се откажува од обидите да го доведе Хулијан Алварез и подготви нова, значително подобрена понуда за аргентинскиот напаѓач на Атлетико Мадрид.
Според шпанските медиуми, каталонците првично испратиле понуда вредна 100 милиони евра, но таа веднаш била одбиена бидејќи Атлетико нема намера лесно да се откаже од еден од своите најважни фудбалери. Сепак, Барселона не се повлекува од трката. Последните информации велат дека шпанскиот шампион ја зголемил понудата на 130 милиони евра, со надеж дека овојпат ќе го убеди клубот од Мадрид да седне на преговарачка маса.
Наводно, Алварез е отворен за преселба на „Камп Ноу“, но конечниот збор ќе го има Атлетико, кој засега останува цврст на ставот дека не сака да го продаде својот голгетер.
Аргентинецот ја почна професионалната кариера во Ривер Плата, а во 2022 година направи трансфер во Манчестер Сити. По две успешни сезони во Англија, минатото лето се пресели во Атлетико Мадрид, каде брзо се етаблираше како еден од лидерите на тимот на Диего Симеоне. Во кариерата има освоено бројни трофеи, меѓу кои Светското првенство со Аргентина во 2022 година, Копа Америка, Лигата на шампионите, Премиер лигата, ФА Купот и Светското клупско првенство со Манчестер Сити.