Ситуацијата со Манчестер Сити во овој период е главна тема во фудбалската јавност, а сега се огласи и извршниот директор на Премиер лигата, Ричард Мастерс.
Директорот го кажа својот остар став за целата ситуација порачувајќи дека казна мора да има, но исто така случајот го означи и како еден од најважните во историјата на лигата.
„Клучната одлука ги утврдува фактите за она што се случувало во Манчестер Сити. Таа детално покажува како клубот систематски ги прекршувал правилата на Премиер лигата речиси една деценија. Одлуката исто така ја оправдува одлуката на Премиер лигата да го продолжи овој случај против Манчестер Сити. Иако процесот досега беше долг и тежок, Премиер лигата остана решена фактите да бидат утврдени независно.
Клучна одговорност на Премиер лигата е да обезбеди почитување на правилата, кои се одобрени од самите клубови, со цел да се заштити интегритетот на натпреварувањето. Од суштинско значење е лигата да остане конкурентна и фер за сите клубови и навивачи. Оваа улога ја сфаќаме исклучително сериозно.
Овој дисциплински случај и оваа одлука се најзначајните во историјата на Премиер лигата. Сепак, одредени елементи од случајот допрва треба да бидат решени, вклучително, што е особено важно, каква санкција треба да следува. Сега кога ја имаме одлуката на Комисијата, посветени сме на тоа брзо да продолжиме со преостанатиот дел од процесот, со цел да обезбедиме сигурност за лигата, клубовите и навивачите.“
Во соопштението кое беше објавено во текот на вчерашниот ден Премиер лигата соопшти и дека Сити има право на жалба до петок, а „граѓаните“ потврдија дека ќе ги искористат сите права кои им се на располагање.