Динизисмо е новата анти „тика-така“ тактика која го воодушевува светот (ВИДЕО)

by
6 минути читање

„Жога Бонито“, фразата на португалски јазик која на почетокот од овој век ја популаризираше Најк за маркетиншки цели, автоматски се поврзува со оној креативен, инспиративен фудбал полн со спортска магија каков што играат Бразилците во 20. век. Од перспектива на навивачите во Европа, такво нешто делува како реликвија на минатото време, во време кога дисциплината, тактиката и до бесвест воигрувањето на комбинации станаа нормалност во модерниот фудбал.

Гвардиола тоа го усоврши со Барселона, Баерн Минхен и поготово сега со Манчестер Сити, а десетици можеби и стотици тренери во Европа се обидуваат да го ископираат. Но, има и такви кои баш не сакаат таков пристап во фудбалот, кои се стремат за оној стар фудбал, а како најголем опозиционер на Гвардиола се појави Фернандо Диниз, бразилскиот фудбалер кој го води Флуминенсе.

Овој 49-годишен тренер прави чуда оваа сезона на клупата на Флуминенсе, го однесе гигантот од Рио де Жанеиро во финалето од Копа Либертадорес кое ќе го игра на 4. ноември против Бока Јуниорс. Пред тоа во петок против Коринтијанс ќе ја продолжи борбата за самиот врв во бразилската Серија А. Сите овие успеси, кои се над очекувањата, Диниз не ги направи со дисциплинирана игра и добра тактика, туку со општ хаос на теренот.

Тоа што Флуминенсе оваа сезона го игра, во бразилските но и другите медиуми веќе подолго време се нарекува Динизисмо. Тоа е тактика без тактика, невозможно е да се прочита. Во текот на натпреварот нема никаква формација, рационална поставеност на теренот и се се сведува на импровизација и хемија меѓу играчите.

Диниз од екипата бара да се соберат, да играат на мал простор. Да имаат колку што е можно повеќе брзи, прецизни додавања, дриблинзи и импровизација и така постепено да го освојуваат теренот. Јасно, и најмалата грешка, поготово кога се комбинира пред својот шеснаесетник, може да биде кобна, но ако помине…

Секако, важно и како се брани екипата. Пресинг, постојано трчање и меѓусебно покривање е предуслов за хаосот да опстане. Бразилскиот стратег ја врати во функција и класичната десетка која се загуби во современиот фудбал, онаа како што ја играа Кака или Роналдињо. На таа позиција е Гансо, 34-годишниот фудбалер кој во Европа не успеа да се снајде, но со овој систем доживеа нова младост.

Резултатите на Флуминенсе долго време имаа осцилации. Диниз на клупата пристигна во април минатата година, беше потребно да помине една цела сезона за неговиот тим да заигра како што тој сака. Покрај Гансо, во тимот се Марсело, Ернан Кано, Андре, Џон Ариљас, Леонардо Фернандес, Нињо, Марлон, Мартинели, Џон Кенеди… Солиден тим за јужноамерикански фудбал, но прашање е дали со некој друг тренер и идеја ќе стигнеа до финалето на Копа Либертадорес. 

Тимот на Диниз никогаш не е досаден. Последен пат одиграле меч без голови против Флузао на 16. јули. По тоа реми одигра 17 мечеви во сите натпреварувања, а дури 15 од тие завршија со два или повеќе голови. 

Минатата сезона на интернет вирално стана видео од еден детаљ од 20. минута на меч со Коринтијанс. Беше гол аут, Флуминенсе требаше да отпочне акција, а оддеднаш неколку негови играчи почнаа да трчаат во круг. Класична тактика „збуни противникот. Иако од тој напад не беше постигнат гол, играчите на Коринтијанс не успеаа да се изборат со хаосот и загубија со 2-0.

Побарајте на Јутјуб „Динизисмо“ и ќе ви се појават бројни снимки од луди акции на Флуминенсе. Ако сте фан на модерниот европски фудбал, ќе ве заболи глава кога ќе видите како играат овие фудбалери. Но во тоа лежи духот на стариот бразилски фудбал, поради што уште се зборува за Пеле, Зико, Кареки, Роналдињо, Роналдо, Ривалдо… Поради тоа сега Флуминенсе е хит. Поради тоа и Фудбалската федерација на Бразил сакаше да го награди Фенрнадо Диниз и да го постави како селектор на репрезентацијата, барем во привремена улога додека Карло Анчелоти не пристигне таму.

Диниз поради креативноста и почитуван во Бразил, но неговото влијание полека почнува да се пренесува и во Европа. Прв тренер кој почна да го копира е Швеѓанецот Хенрик Ридстрем кој го води Малме.

„Забавно е. Добро е за Малме, но добро е и за шведскиот фудбал. Не постои никој во шведската лига кој игра како ние“, рече Ридстрем.

Ќе биде интересно доколку Флуминенсе ја победи Бока во финалето на Копа Либертадорес, со тоа ќе се пласира на Клупското светско првенство. Таму ако нема големи изненадување, на 22. декември во финалето ќе игра со актуелниот шампион на Европа, Манчестер Сити. Системот на Диниз, против системот на Гвардиола, тоа ќе биде интересно да се види.

@2024 – Сите права задржани