Уште една легенда го напушта „Сантијаго Бернабеу“. Дани Карвахал официјално потврди дека си заминува од Реал Мадрид, со што продолжува необичната низа во која капитените на „кралскиот клуб“ заминуваат шест години по ред.
Низата почна во 2021 година кога клубот го напушти Серхио Рамос, а потоа следуваа Марсело, Карим Бензема, Начо Фернандес и Лука Модриќ. Сите тие во моментот на разделбата беа капитени на тимот и оставија длабока трага во историјата на Реал.
Според оваа традиција, следен би можел да биде Феде Валверде. Шпанските медиуми веќе шпекулираат за негово можно заминување, особено по неодамнешниот инцидент со Чуамени, по кој Уругваецот заработи казна од 500 илјади евра.
Карвахал ќе има можност последен пат да се поздрави со навивачите на „Бернабеу“ во завршното коло од Ла Лига против Атлетик Билбао. Десниот бек зад себе остава богата кариера во дресот на Реал, каде што во изминатите 13 години освои дури 26 трофеи, меѓу кои шест титули во Лигата на шампионите и шест шампионски круни во Шпанија.