Легендата на македонскиот фудбал и на ФК Вардар, Андон Дончевски ги посети фудбалерите на Вардар пред денешното финале од Купот на Македонија.
Вардар од 20 часот на „Градски“ игра против Струга во финалето од Купот на Македонија и има шанса првпат по 18 години да го крене овој трофеј кој би бил шести од осамостојувањето на нашата земја.
Со цел фудбалерите да добијат и дополнителна мотивација, во клубот пристигна Андон Дончевски кој им одржа говор во соблекувалната.
„Овој дедо беше голгетер на Вардар, многу голови даде, меѓутоа ќе се радувам на вашите голови како јас да сум ги давал и песни ќе пеам. Имам многу години, имам 90 години, Господ да ве пожиее, да дојдете до моите години, но денеска да победиме. Спомен ќе имате, многу е важно да имате спомен од фудбалската кариера, бидејќи тоа цел живот ќе ви дава храброст. Се надевам дека денеска ќе дадете максимум, Реал Мадрид да дојде треба да изгуби тука. Вие покажавте дека можете, излеговте од пепелта како феникс и затоа денеска треба да го потврдиме тоа, да се радуваме денеска, спомен да остане од вас. Струга нема што да бара денеска тука“, беше дел од говорот на Андон Дончевски кон фудбалерите на Вардар.