Иако англиските медиуми најавија дека Челси нема да го казни Кепа, сепак клубот му изрече парична казна. Една неделна плата на голманот наместо на неговата сметка, ќе оди во хуманитарни цели.
„Размислував многу повеќе за случајот. Иако беше недоразбирање, направив голема грешка со тоа како се справив со ситуацијата. Денот го искористив да им се извинам на сите лично, на тренерот, на Вили Кабаљеро, на моите соиграчи и на клубот. Сега сакам да им се извинам и на фановите. Ќе научам од оваа епизода и ќе ја прифатам дисциплинската казна од клубот“, изјави Кепа.
Сари рече дека веќе зборувал со Кепа и инцидентот за него е минато.
„Кепа и јас зборувавме за инцидентот. Тоа беше добра конверзација. Имаше недоразбирање но тој сфати дека направи голема грешка со начинот на кој реагираше. Ми се извини мене, на неговите соиграчи и на клубот“, изјави Сари.
„Од клубот зависи дали ќе го казнат, но за мене овој случај е завршен. Перформансите на тимот беа многу позитивни, штета е да се види дека инцидентот ја засени нашата игра која беше многу конкурентна во куп финалето. Сега сите сме фокусирани на следниот натпревар и ова го оставаме зад нас“.
Челси во среда игра големо дерби во Премиерлигата, на Стемфорд Бриџ го пречекува Тотнем.