Интер во лоша форма влезе во мечот со Барселона, голем беше притисокот врз Симоне Инзаги, но и покрај се нероазурите одиграа одличен меч и дојдоа до заслужена победа против Барселона.
Клучниот момент се случи во судиското продолжение од првото полувреме кога Чалханоглу со прецизен удар од далечина постигна гол за победа од 1-0.
Барселона силно нападна во последниот половина час од мечот, се играше само пред голот на Интер, но момците на Инзаги издржаа и на крајот се радуваа на победата.
Елиф Елмас играше половина час во победата на Наполи над Ајакс од 6-1. Тимот на Спалети имаше неверојатно издание.
А натпреварот почна со гол на Ајакс во деветата минута преку Кудус. На одморот се замина со предност на Наполи од 3-1, головите ги дадоа Распадори, Ди Лоренцо и Зиелински.
Во вториот дел Распадори даде уште еден гол, а погодија и Кваратскејлија и Симеоне.
Клуб Бриж е најпријатното изненадување во Лигата на шампионите, имаат три победи од три меча, а денеска славеа над Атлетико Мадрид со 2-0.
Ливерпул со голови на Александер Арнолд и Салах од пенал го победи Глазгов Ренџерс со 2-0.
Со истиот резултат Порто славеше над Баер Леверкузен, а немаше погодоци на мечот меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Тотнем.
Претходно, Баерн Минхен со 5-0 ја победи Викторија Плзен, а Марсеј со 4-1 беше подобар од Спортинг Лисабон.