Репрезентацијата на Македонија одигра 1-1 во Скопје против Белгија во рамките од третото квалификациско коло и така уште еднаш покажа дека сме репрезентација која знае да игра против големи селекции.
Почетокот на натпреварот донесе иницијатива на Белгија, меѓутоа 20-тина минути се играше без посериозни прилики на двете страни. Првата поголема закана Белгија ја испрати преку Салемакерс кој одлично шутираше од далечина меѓутоа Димитриевски беше на висина на задачата и го спаси својот гол.
Само две минути подоцна во 23. минута, Енис Барди украде една топка на противничката половина и тргна во контра, шутираше, меѓутоа Селс го одбрани неговиот удар.
Иако Белгија имаше иницијатива, Македонија прва ја имаше најголемата прилика на натпреварот кога во 26-та минута прво Елмас ја погоди стативата, а потоа и Алиоски кој имаше празен гол пред себе. Само минута подоцна Белгија го казни ова наше промашување и поведе со 0-1.
Со предноста од еден гол Белгијците заминаа и на паузата. По само две мнути игра во вториот дел Елмас ја погоди мрежата на Селс, меѓутоа многу брзо радоста на сите на стадионот беше скратена по реакција на ВАР поради офсајд на Бојан Илиевски.
Македонија не беше инфериорна како во првиот дел, меѓутоа и сега Белгија имаше повеќе од играта. На крајот за ерупција на стадионот се чекаше 87. минута кога Езгјан Алиоски го постигна еден од најубавите голови за македонската репрезентација за 1-1.
Со овој бод Македонија доаѓа до пет по три кола во групата, по победата над Лихтенштајн и ремито со Велс. Но, посебно е важно што не загубивме од првиот фаворит во групата.