По примените осум голови од Баерн Минхен, атмосферата во Барселона е очајна, а најавени се драстични промени во клубот. Ќе се почне од тренерска смена, планирана е и голема распродажба на играчите, а можни се смени и во раководството.
Синоќа новинарот кој прв соопшти дека Нејмар ќе оди во ПСЖ, Марсело Бечлер од „Интеративе Спорт“, соопшти дека Меси сака да си оди од Барселона и тоа сака да го направи ова лето.
Каталонскиот „Спорт“ тврди дека Барселона за нивниот медиум категорично демантирала дека Меси имал било каков контакт со раководството и дека им соопштил желба за заминување.
Меси од своето деби за Барса на 16 октомври 2004 година на 17 годишна возраст, има одиграно 731 официјални мечеви за Барселона и постигнато 634 голови, освоил 34 титули со каталонскиот клуб.
Меси и неговиот татко ова лето купија куќи во Милано, па се шпекулира дека доколку замине, неговата следна дестинација би била Интер, но се пишува и за неговото обединување со Пеп Гвардиола во Манчестер Сити.
Во наредните денови се очекува многу повеќе да се дознае за иднината на Меси и неговата намера, дали сака да остане во Барселона или да си оди.