Нико Вилијамс одамна е на радарот на голем број европски гиганти, а интересот за младиот крилен напаѓач не стивнува. Барселона прва покажа сериозна намера, но се повлече од трката, потоа се појави Арсенал, а сега во игра влезе и Баерн Минхен.
Според информациите на германскиот „Билд“, спортските директори на Баварците, Макс Еберл и Кристоф Фројнд, лично го следеле Вилијамс на натпреварот против Франција во Лигата на нации.
Она што оди во прилог на Баерн е тоа што откупната клаузула на шпанскиот репрезентативец изнесува околу 60 милиони евра – сума која за клуб од калибарот на Минхенскиот гигант не претставува пречка.
Вилијамс минатата сезона настапи на 29 меча за Атлетик Билбао, при што постигна 5 гола и забележа 5 асистенции. Очекувано, по настапите за репрезентацијата и солидната сезона во Примера, трансферниот пазар летово ќе биде особено возбудлив за неговото име.
Фото: Athletic Club