Баерн го урна рекордот на Реал, но Торино остана недостижен (ВИДЕО)

by Стефан
1 минути читање

Баерн Минхен ја заокружи шампионската сезона во голем стил, откако пред своите навивачи славеше убедлива победа над Келн со 5-1 и притоа испиша ново поглавје во европската фудбалска статистика.

Баварците со оваа партија стигнаа до вкупно 122 голови во сезоната, со што се искачија на второто место на вечната листа по бројот на постигнати погодоци во најсилните пет европски лиги. Зад себе го оставија Реал Мадрид, кој има 121 гол, додека рекордот сè уште го држи Торино со неверојатни 125 погодоци во сезоната 1947/48.

Во центарот на вниманието повторно беше Хари Кејн, кој блесна со хет-трик, а во листата на стрелци се запишаа и Том Бишоф и Нико Џексон. Единствениот гол за гостите го постигна Ел Мала.

Драматично беше и во битката за местата кои водат во Лига на шампиони. Штутгарт со гол во самиот финиш стигна до реми против Ајнтрахт Франкфурт (2-2) и го обезбеди четвртото место на табелата. Од друга страна, Хофенхајм потфрли и беше убедливо поразен од Борусија Менхенгладбах со 4-0.

Во долниот дел од табелата, Волфсбург избори бараж за опстанок благодарение на триумфот од 3-1 против Сент Паули, кој се сели во понизок ранг. Истата судбина го снајде и Хајденхајм по поразот од Мајнц.

Во останатите средби, Баер Леверкузен и Хамбургер ремизираа 1-1, Фрајбург убедливо го совлада РБ Лајпциг со 4-1, додека Унион Берлин со 4-0 го декласира Аугсбург. Сезоната со победа ја заврши и Борусија Дортмунд, која беше подобра од Вердер Бремен со 2-0.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×