Садио Мане и
официјално е фудбалер на Баерн Минхен, попладнево пристигна потврда за неговиот
трансфер на Алианц Арена.
„Баерн Минхен го
ангажираше Садио Мане од Ливерпул. 30 годишниот офанзивен фудбалер со шампионот
на Германија стави потпис на договор до 30. јуни 2025“ – гласеше известувањето.
За новата авантура,
Сенегалецот рече: „Среќен сум што конечно ќе заиграм за Баерн Минхен. Имавме
многу разговори и од самиот старт почувствував дека овој голем клуб навистина
сака да ме има во своите редови. Па немав никакви сомнежи, ова е право време за
нов предизвик“.
Садио Мане исто
така се огласи на социјалните мрежи за да се збогува со навивачите на Ливерпул.
„Тешко ми е да ги
најдам правите зборови. Едноставно сакам да ви се заблагодарам од дното на
душата, навистина ми беше чест да бидам мал дел од неверојатните успеси кои ги
имавме заедно во изминатите шест години. Секогаш бевте покрај мене, и во добро
и во лошо. Никогаш нема да ви го заборавам ова. Ви благодарам уште еднаш.
Никогаш нема да одиш сам“ – напиша Садио Мане.