Францускиот офанзивец Антоан Гризман по завршувањето на сезоната ќе го напушти Атлетико Мадрид и ќе се пресели во Орландо, со кој веќе има потпишано преддоговор.
Ова е второ заминување на Гризман од мадридскиот клуб, откако претходно во 2019 година се пресели во Барселона, за потоа повторно да се врати две години подоцна.
Во Атлетико веќе активно работат на негова замена, а според пишувањата, во игра е звучно име кое би пристигнало како слободен играч. Станува збор за Јулијан Брант. Офанзивниот играч за врска, кој го завршува седумгодишниот престој во Борусија Дортмунд, е високо ценет на трансфер пазарот.
Спортскиот директор Матеу Алемани внимателно ја следи ситуацијата и ги разгледува сите опции.
Сепак, јасно е дека Брант, како слободен агент, ќе бара висока плата и значаен бонус за потпис, но во Атлетико го гледаат како профил кој може да ги пополни празнините што ќе ги остави Гризман. Германецот се смета за сериозен кандидат, и покрај тоа што во мај ќе наполни 30 години.
Во 303 настапи за Борусија Дортмунд, Брант има учинок од 57 голови и 69 асистенции, бројки кои се импресивни за играч од средниот ред. Претходно настапуваше и за Баер Леверкузен и Волфсбург, каде исто така остави добар впечаток.