Македонскиот репрезентативец Јани Атанасов ги сподели очекувањата пред претстојните контролни натпревари против Босна и Херцеговина и Турција, нагласувајќи дека „рисовите“ ќе одат на победа без разлика што станува збор за пријателски средби.
„Сезоните во нашите клубови завршуваат, полека се собираме и ги насочуваме мислите на овие натпревари. Кога се игра за Македонија, секогаш имаме желба и мотив повеќе за добри резултати. Не гледаме дека се работи за пријателски мечеви, сите ќе го дадеме нашиот максимум. Има нови имиња во составот, мислам дека селекторот ги познава нивните квалитети и затоа ги повика во националниот тим. Ќе играме со Босна, која прикажа одличен фудбал во квалификациите. Ја елиминираа Италија, тоа доволно говори за нивниот квалитет. Ќе одиме да се надигруваме, се подготвуваме за победа“, изјави Атанасов.
Македонија првиот контролен натпревар ќе го одигра на 29 мај во Сараево против Босна и Херцеговина, а два дена подоцна следува дуелот со Турција во Истанбул.