Поранешниот француски ас и актуелен аналитичар на „CBS Sports“, Тиери Анри, по синоќешната фудбалска драма меѓу Барселона и Интер која заврши со спектакуларни 3:3, јавно изрази носталгија по укинатото правило за голови на гости.
„Зборував со Џејми Карагер и му реков: „Како може да постигнеш три гола на гости и тоа да не ти носи никаква предност?“ За мене тоа правило секогаш имаше тежина. Сега, дури и да дадеш три, реваншот повторно почнува од нула“, рече Анри, потенцирајќи дека иако правилото одамна е укинато, сè уште не се помирил со неговото отсуство.
Анри беше искрен и во однос на играта на Интер, кој според него прикажа изненадувачки квалитетна и храбра партија против Каталонците.
– Ќе бидам отворен, не очекував Интер да излезе со таков став. Но, мора да им се оддаде признание – одиграа моќно и не се исплашија од Барселона – додаде тој.
Да потсетиме, гостите од Милано двапати имаа водство – прво со 2:0, потоа и со 3:2 – но Барса успеа да се врати и да извлече бод на „Луис Компањс“ во вистински трилер од натпревар.