Интер со гол во 91. минута го победи Наполи со 1-0 во меч во кој гостите добија два црвени картони. Првиот го доби Кулибали во 80. минута откако по еден жолт картон му аплаудираше на судијата па доби втор жолт, а во 95. беше исклучен и Инсиње.
Од трибините на „Џузепе Меаца“ се слушаа расистички навреди кон Кулибали, Анчелоти е бесен поради тоа, барале играта да биде прекината, и вети дека во следна прилика тие ќе го напуштат теренот ако се случи истото бидејќи претходно беше кажано дека играта ќе се суспендира доколку има расизам од терените, но тоа не се случи.
„Го прашав судијата за информација за црвениот картон и ништо повеќе. Вакви индициенти го решаваат мечот, бидејќи игравме многу добро во второто полувреме, притискавме, а имавме шанса за победа и кога имавме десет играчи“, вели Анчелоти.
„Имаше страшна атмосфера, три пати побаравме играта да биде прекината, тие три пати имаа соопштение преку официјалниот спикер. Кулибали беше иритиран. Вообичаено тој е многу смирен и професионален, но сега беше жртва на мајмунски извици во текот на натпреварот“.
„Ние три пати побаравме да биде превземено нешто, но натпреварот продолжи. Ни беше кажувано дека при вакви ситуации натпреварот може да биде прекинат, но кога? По четири или пет соопштенија на спикерот? Можеби треба да ја земеме работата во свои раце следниот пат и самите да престанеме да играме. Ова не е добро за италијанскиот фудбал“.
Според правилата за справување со расизам, најпрво спикерот предупредува дека натпреварот ќе биде прекинат доколку навредите од трибините продолжт, но доколку тоа биде игнорирано, судијата треба да го прекине натпреварот најмалку на неколку минути.