Новиот тренер на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, денеска официјално беше претставен пред медиумите како предводник на „кралскиот клуб“.
Во своето прво обраќање, 43-годишниот Шпанец истакна дека е исполнет со гордост и возбуда што се враќа „дома“ и верува во големи успеси.
„Голема чест е да ја преземеш клупата од Карло Анчелоти, човек кој не само што ми беше тренер, туку и личност што остави силен белег во мојата кариера. Без него веројатно немаше да бидам тука. Со гордост и со голема одговорност ќе го продолжам неговото наследство и ќе дадам сè од себе за да ги исполниме очекувањата на клубот и навивачите“, изјави Алонсо на промоцијата во Мадрид.
Алонсо доаѓа во Реал по одличниот период во Баер Леверкузен, со кој стигна до титула и во Бундеслигата, но играше и финале во Лигата на Европа.
За Алонсо ова претставува враќање во клубот каде како играч мина пет незаборавни години (2009–2014), освојувајќи пет трофеи, вклучително и титулата во Ла Лига и трофејот во Лигата на шампионите.
„Без сомнеж, денес е посебен ден за мене. Среќен сум што повторно сум на место што го чувствувам како свој дом. Иако бев отсутен неколку години, мојата врска со Реал Мадрид и со навивачите никогаш не прекина“, додаде Алонсо.
Навивачите на Реал со нетрпение очекуваат да видат како ќе изгледа новата ера под водство на некогашниот омилен плејмејкер, кој сега има задача да ја продолжи традицијата на трофеи и доминација.