Италијанскиот стратег Клаудио Раниери сезонава се врати од пензија за да ја води Рома и на клупата на „волчицата“ му оди одлично.
Рома до вчерашното реми со Јувентус беше во серија од седум победи во низа и раководството очекувано сакаше да го задржи и наредната сезона.
Сепак, Раниери кој има 73 години нема намера да го менува својот првичен договор според кој пристигна тука како привремено решение најмногу до крајот на сезоната.
„Кога минатата година завршив со Каљари бев сигурен дека ќе останам во пензија засекогаш. Пристигнуваа понуди, но ги одбивав. Знаев дека можам да се вратам само ако дојде повик повторно од Каљари и од Рома. Кога Де Роси доби отказ, а пристигна Јуриќ мислев дека нема да бидам потребен. Но, кога стигна повикот не можев да кажам „не“. Сепак, сега сум сигурен дека на крајот на сезоната заминувам во пензија и тоа засекогаш. Пред да умрам сакам да видам и работи надвор од фудбалот, моето време поминува и мислам дека тоа е фер“, изјави Раниери.
Рома пред доаѓањето на Раниери беше на средина од табелата, а сега римскиот клуб е во реална битка за местата кои водат во Лигата на шампионите.