Весникот АС открива повеќе детали од преговорите помеѓу Саудиска Арабија и Винисиус, Арапите зделката ја гледаат како маратон а не спринт и се убедени дека еден ден ќе го ангажираат Бразилецот.
За можен трансфер на Винисиус Жуниор во Саудиска Арабија се пишува подолго време, а вчера беше откриено дека Бразилецот и неговите агенти имале состанок со потпретседателот на Про-лигата на Саудиска Арабија.
Како што пренесува АС, офанзивата започнала уште минатото лето, неколку преставници на Саудиска Арабија, кои се задолжени за промоција на Светското првенство во 2034, побарале средба со Реал Мадрид.
Нивниот прв избор бил Флорентино Перез, но првиот човек на Реал Мадрид одбил да седне на преговори. На крајот бил одржан состанок со директорот Хозе Анхел Санчез, кој им порачал дека нема шанси да преговараат за продажба на Винисиус Жуниор, и единствен начин за трансфер е откупната клаузула од 1 милијарда евра.
Но ова не ги обесхрабрило Арапите, кои продолжиле да комуницираат со агентите на Бразилецот: „Нема потреба од брзање, на зделката ќе пристапиме како на маратон, а не како на спринт“.
Тие дури и порачале: „Ќе го ангажираме Винисиус, па што сака нека биде!“
Се очекува Саудиска Арабија одново да притисне по крајот на сезоната и на Реал Мадрид да му понуди 300 милиони евра, рекордна сума во светот на фудбалот.
За Винисиус Жуниор пак е подготвена петгодишна соработка тешка 1 милијарда евра.