Фудбалерите на Милан се радуваа на гостинска победа кај Емполи (0-2) во Серија А. Овој натпревар „росонерите“ го решија во вториот дел, ама многу лесно можеше да има и поинаков епилог.
Судијата Лука Паирето и ВАР собата не доделија црвен картон за Какаче на стартот поради опасен фаул врз новајлијата Вокер, а потоа во вториот дел Томори беше исклучен во акција во која имаше офсајд. Сепак, ВАР не можеше да се вклучи бидејќи стануваше збор за втор жолт картон.
Коментар за ситуацијата имаше Златан Ибрахимовиќ кој има советодавна улога во управата на Милан.
„Се што баравме од судијата Паирето беше респект за играчите на Милан. Бев изненаден што немаше реакција по фаулот над Вокер, можеше многу лесно тој да се повреди и да паузира долго. Црвениот картон за Томори беше консеквенца на дозволена игра да тече. За нас е неприфатливо, ќе испратиме писмо до судиската организација. Неверојатна е ситуацијата. Се најдовме со десетмина, а впрочем Емполи требаше да добие црвен картон претходно. Вокер е ново име, дојде од Премиер лигата и не сакаше да прави сцена по остриот фаул“, изјави Ибрахимовиќ.