Како што пренесува Диарио де Ваљадолид, Манчестер Сити сака да направи „дубара“ и да го ангажира талентираниот Џума Бах без да ја плати отштетата која ја бара Ваљадолид.
Манчестер Сити овој месец потроши околу 150 милиони евра за ангажман на Хусанов, Реис и Мармуш, но за следното ново име одбиваат да платат ситна сума, и ќе гледаат со „дубара“ да поминат поевтино.
Како што пренесува Диарио Ваљадолид, „граѓаните“ преговараат со Ваљадолид за ангажман на Џума Бах во зделка вредна 12-15 милиони евра.
Но Манчестер Сити сега го притиска играчот и неговиот агент еднострано да го раскинат договорот со Ваљадолид и на тој начин беспари да се преселат на Етихад.
Актуелниот шампион на Англија смета дека Џума Бах е под младински договор со Ваљадолид, па кога целиот случај ќе заврши пред судовите на УЕФА, отштетата која ќе треба да се плати нема да биде поголема од 6 милиони евра, што е двојно помалку од тоа што го бара Ваљадолид во моментов.
Останува да се види што ќе се случи, Марка пишува и за друга верзија, односно самиот Џума Бах да си ја активира откупната клаузула и со 6 милиони евра да си ја купи сопствената слобода од Ваљадолид.