Пандев и Христов ги одбраа селекторите на младинските репрезентации

by riste
3 минути читање

На предлог на спортскиот директор на Национални репрезентации, Горан Пандев и техничкиот директор на ФФМ, Ѓорги Христов, Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија ги прифати предлозите за нови селектори на младинските национални репрезентации.

Димитар Капинковски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 18 години (генерација 2008.). Капинковски е поранешен репрезентативец на Македонија и тренер на битолски Пелистер, Победа Прилеп и Самтредиа од Грузија. Капинковски до 2019 години беше главен тренер во Националната фудбалска академија во Битола. Ѓорѓи Стојчев, тренерот кој со Брера Академија Пандев (генерација 2008.) ја освои двојната титула, шампион и победник во Купот на Македонија, ќе биде асистент во стручниот штаб на Капинковски.

Драган Начевски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 17 години (генерација 2009.). Поранешениот репрезентативец на Македонија е дел од тренерскиот кадар во Академијата на ФФМ, а работеше и како асистент во репрезентацијата на Македонија до 21 година. Драган Начевски минатата натпреварувачка сезона ја предводеше генерацијата 2009. на десет контролни / пријателски натпревари, а сега добива шанса да ја предводи талентираната генерација и во квалификациски циклус кој започнува оваа година.

Горан Станковски е назначен за селектор на македонската репрезентација до 15 години (генерација 2011.). Станковски е поранешен фудбалер од шампионската генерација на Слога Југомагнат, а како интернационалец настапуваше во Русија, Турција, Белгија и Германија. Тренерската кариера на Горан Станковски најмногу е поврзана за ФК Работнички каде бележеше одлични резултати со младите категории, а беше предводник и спортски директор на првиот тим. Горан Станковски е поранешен селектор на Македонија до 17 години и 19 години. 2018 година беше избран за најдобар тренер во младински фудбал.

Илјами Исени е назначен за селектор на македонската репрезентација до 16 години (генерација 2010.). Исени, ланската натпреварувачка сезона ја предводеше генерацијата 2010. на шест контролни / пријателски натпревари.

Со промената на челниците на Фудбалската федерација на Македонија, Дени Масев се врати на својата стара позиција, тој е именуван за директор на А репрезентацијата, поранешниот македонски фудбалер, Игор Митревски ја доби функцијата директор на селекцијата до 21 година. УО на ФФМ денеска ги назначи и новите селектори во младинските категории.

Данчо Масев е именуван за директор на А репрезентацијата на Македонија. Поранешниот македонски репрезентативец се враќа на позицијата која ја извршуваше од јуни 2018 до ланскиот септември. Масев беше директор на најдобрата репрезентација во моментите на најголемиот успех – пласманот на Европското првенство и освоеното прво место во последното издание од Лига на нации.

Игор Митревски е именуван за директор на репрезентацијата на Македонија до 21 година. Стружанецот, поранешен прославен македонски репрезентативец, кариерата ја започна во Македонија Ѓорче Петров, а подоцна играше уште и за Караорман, Напредок и Силекс.2001. замина во Москва, во гигантот Спартак. Остави длабок белег и стана трет странец со најмногу настапи за Спартак Москва, клуб со кој настапуваше во Лигата на шампионите. Како интернационалец настапуваше и во Украина, Израел, Азербејџан и Германија.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани