Бразилецот Винисиус Жуниор добро помина и доби два натпревари суспензија за неспортскиот потег кон македонскиот голман Столе Димитриевски во натпреварот со Валенсија, а сега добил уште една добра вест.
Имено, според информациите на новинарот кој важи за добро информиран кога е Реал Мадрид во прашање, Мигел Анхел Дијаз, Карло Анчелоти донел одлука од сега Винисиус да биде тој што ќе ги изведува пеналите.
Анчелоти ваквата одлука ја донел откако Килијан Мбапе и Џуд Белингем кои беа прв избор во последно време промашија удари од белата точка. Италијанскиот стратег по промашениот пенал на Белингем и најави дека во иднина веројатно тој ќе донесе одлука кој ќе биде прв изведувач.
Наводно, од сега па натаму прв избор ќе биде Винисиус, секако кога е на теренот. Бразилецот поради суспензијата ќе ги пропушти натпреварите со Лас Палмас и Реал Ваљадолид во Ла Лига, но ќе биде на располагање за шпанскиот Суперкуп во кој „кралевите“ утре ќе се соочат со Мајорка.