Коинциденција? Прво астрономски цени на влезниците, потоа повлекување, Самсоненко по крајот на сезоната си заминува од Вардар

by
3 минути читање

Сергеј Самсоненко
и останатите членови на раководството на Вардар, беа на мета на критики по
обелоденувањето на цената на влезниците за мечот против турски Фенербахче во
рамките на плејоф рундата од квалификациите за Лига Европа.

Македонската
спортска јавност, посебно онаа вардаровата армија навивачи беше шокирана од
одлуката на клубот да излезе со астрономски цени (за наши услови) од 1000 до
3000 денари за мечот против тимот од Истанбул. Како за издвојување и споредба,
Шкендија пушти билети за гигантот Милан по цени од 400 до 1000 денари.

Русинот во
соопштението кое денеска го упати до јавноста рече дека долго време се
воздржувал да реагира на навредите што ги пласирале против него одредени
медиуми и поединци, и вели дека ова е последна сезона во која тој како
инвеститор вложува во сите три спортски клуба во Македонија.

Неговото
соопштение до јавноста ви го пренесуваме во интегрална верзија:

 

Почитувани граѓани на Македонија, пријатели! 


Вчеравечер се вратив во Скопје и бев длабоко вознемирен од сето она што го
прочитав во медиумите, на социјалните мрежи, порталите… Првото прашање што си
го поставив себеси беше со што  јас и моите колеги од Вардар заслуживме
вакви навреди? 


Македонија е дом за мене и за моето семејство веќе 11 години, во овој период од
срце инвестирав огромни средства во развој на спортовите во земјава. Драги
пријатели, цената на ниту еден билет не може ниту, пак, сакам да го врати тоа
што го вложив без никаква задршка во македонскиот ракомет, фудбал, тенис и
друго… токму поради тоа јас, од мое име и од името на управата на ФК Вардар,
донесов одлука. 


Долго време се воздржував да реагирам на навредите што ги пласираа против мене
одредени медиуми и поединци… и сакам да кажам, доста е! Никогаш во животот не
сум доживеал ваков линч, навреди и омаловажување какво што доживеав во
изминативе денови. 


Ви благодарам многу, се чини дека ова е  надомест за  сè  што
направив. Доста е, одлуката, колку и да ми беше тешко, ја донесов. Ова е
последна сезона во која јас, Сергеј Самсоненко, како инвеститор вложувам во
сите три спортски клуба во Македонија. По оваа сезона, ќе ги вратам трите клуба
на поранешните сопственици во одлична состојба, со шампионски титули, добар
ранкинг и без долгови.


Во врска со билетите за натпреварот Вардар-Фенербахче, одлучив да ги продаваме
сите билети по единечна цена од 300 денари, без разлика на сектор или трибина.
На сите кои купиле билет по стара цена, средствата ќе им бидат
рефундирани. 


Напред Вардар! 

Сергеј Самсоненко

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани