Скопје денеска е центарот на светот, Манчестер и Реал се борат за трофеј во нашиот град

by
3 минути читање

Дојде денот кога целиот свет ќе гледа кон Скопје, вечерва се случува најголемиот спортски настан организиран во историјата на нашата земја. Двата можеби најголеми клуба во светот, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед ќе играат меч за титула.

Македонија ја имаше среќата да биде домаќин на најатрактивниот УЕФА Суперкупот досега, бидејќи шампион на Лига Европа ретко станувал гигант како Манчестер јунајтед. Токму тоа го прави овој натпревар посебно привлечен за фудбалските фанови ширум светот.

Арената „Филип Втори“ ќе биде преполна, тешко се доаѓаше до билет за натпреварот, само најсреќните ќе присуствуваат на спектаклот и ќе можат во живо да ги видат големите ѕвезди.

Се очекува преку 20.000 странски навивачи денеска да бидат во Скопје, дел од нив и без билет за натпреварот, но сакаат да ја почувствуваат атмосферата и да бидат блиску до својот клуб.

Речиси ќе нема место на земјината топка од каде нема да може да се проследи дуелот, сите прогнози велат дека ова ќе биде најгледаниот фудбалски натпревар во светот за 2017 година.

Што се однесува до мечот, Суперкуповите ја немаат тежината на домашната лига или европските натпреварувања како Лигата на шампионите или Лига Европа, но Мурињо и Зидан посакуваат да ја започнат сезоната со трофеј и ќе направат се за да дојдат до него.

„Ние сме тука да победиме, друго ништо не е важно. Во Мадрид сум 16 години, но сум играл против Реал за други тимови и знам дека тоа е тимот кој секогаш сакате да го победите. Тоа е, Мадрид е најголемиот клуб во светот и сакате да му го земете скалпот. Знаеме дека секоја година е се потешко за нас, но се уште сме гладни за победи. Нема да ја менуваме тактиката за овој меч, ќе играме како и секогаш, сакаме да освојуваме трофеи, подготвени сме и ќе дадеме се од себе за да го подигнеме пехарот“ – вели Зинедин Зидан.

Жозе Мурињо како поранешен тренер на Реал Мадрид ќе има мотивација плус да победи на вечерашниот натпревар.

„Возбуден сум што ќе играм на Суперкупот против Европскиот шампион. Уште повозбудливо е што Европскиот шампион овој пат е и клубот со најмногу трофеи во историјата. Ние треба да играме, да уживаме во натпреварот бидејќи не добивате често шанса да играте во Суперкупот. Реал Мадрид е фаворит бидејќи е шампион на Европа, а ние ќе дадеме се од себе за да го победиме“ – изјави Жозе Мурињо.

Зинедин Зидан нема проблеми со составот, сите фудбалери му се на располагање. Мурињо нема да може да смета на Баји и Џонс кои се суспендирани, како и на повредените Рохо, Шо и Јанг.

Се уште е нејасно дали Кристијано Роналдо ќе биде дел од првата постава на Реал Мадрид, но се очекува Португалецот да биде дел од натпреварот, без разлика колку минути ќе добие.

Едно е сигурно, Македонија вечерва го има најголемиот спектакл во својата историјата, па да уживаме во него. 

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани