Италија испушти два гола предност против Белгија, Пелегрини со црвен картон ја уништи добрата партија на „аѕурите“, Франција убедлива против Израел и без Килијан Мбапе во тимот.
Италија беше на добар пат да има три од три во Лигата на нации, вечерва против Белгија поведе веќе во првата минута со голот на Камбијасо, а во 24. минута ја зголеми предноста на 2-0 со погодокот на Ретеги.
Сепак, добрата партија беше уништена во 38. минута, кога Пелегрини доби црвен картон.
Па Белгија ја искористи бројчната предност, Де Кујпер намали на 2-1 до крајот на првиот дел, а Тросар по еден час игра реализирше за 2-2.
На неутрален терен во Будимпешта, Франција со 1-4 славеше во пресметката против Израел.
Камавинга ги донесе „триколорите“ во предност во 7. минута, Ганделман изедначи на 1-1 во 24. минута, но Нкунку одговори веднаш и ја затресе мрежата на Израел за 1-2 во 28. минута.
Во финишот од натпреварот, Гендузи и Баркола погодија за убедлива победа без Килијан Мбапе во тимот.