Жозе Мурињо може да биде задоволен од првиот подготвителен натпревар. Манчестер јунајтед во двете полувремиња настапи со два различни тима.
Новите засилувања, Линделоф и Лукаку играа во вториот дел, Белгијанецот не го зачини дебито со погодок.
Ѕвезда на мечот беше Рашфорд кој постигна два гола, по еднаш реализираа Фелаини, Мхитарјан и Марсијал. Погодоците за Галакси беа дело на Џовани дос Сантос.
Доколку се суди според денешниот меч, Манчестер јунајтед во следната сезона ќе игра со нова тактика, 3-5-2.
„Најважно ми беше да ги видам фудбалерите во систем кој минатата сезона го игравме само два пати, тоа не беше нашиот систем, но во изминатите денови работевме на него и мислам дека беше добро“ – вели Мурињо.
„Тренираме пет дена, од нив два пати работевме на овој систем со тројца стопери, па уште е рано, во иднина очекувам да се подобруваме. И на наредните натпревари ќе работиме на оваа тактика бидејќи одлучивме во новата сезона да играме со тројца позади. Лани против Ростов игравме два пати така и сега сакаме да пробаме повеќе пати пред да почне сезоната“.