Пет причини зошто Мурињо против Конте ќе биде најголемото ривалство во новата сезона од Премиерлигата

by
2 минути читање

Антонио Конте, Пеп Гвардиола, Јирген Клоп, Жозе Мурињо, Арсен Венгер, Рафа Бенитез се дел од големите тренерски имиња во Премиерлигата.

Но весникот „Мирор“ смета дека дуелот помеѓу Мурињо и Конте ќе биде најголемо ривалство и наведува пет причини како потврда за тоа.

1. Трансфер пазарот

Доколку пред една недела прашавте некој каде ќе оди Лукаку, одговорот ќе беше едноставен. Челси.

Сите веруваа дека Лукаку ќе заврши во својот поранешен клуб а не кај својот поранешен тренер. Но, се случи изненадување, Мурињо му го украде на Конте напаѓачот кој го посакуваше.

Двата клуба беа во трка и по Бакајоко, се чини дека овој пат Италијанецот ќе ја добие битката.

2. Моментите од минатата сезона

Челси и Манчестер јунајтед имаа три меѓусебни дуели минатата сезона и Мурињо и Конте речиси секогаш влегуваа во некоја војна.

Конте се радуваше како мало дете на четвртиот гол на Челси во победата од 4-0 над Манчестер јунајтед, а Мурињо му замери дека тоа е знак на непочитување на противникот.

Двајцата тренери имаа и дуели покрај аут линијата за време на натпреварите.

3. Желбата на Мурињо да го спречи Конте да ги израмни неговите достигнувања во Челси

Како и Мурињо, Конте ја освои титулата во Премиерлигата во својата прва сезона на Стемфорд Бриџ, но Португалецот го грабна трофејот и во втората.

За време на натпреварот од ФА Купот кој се играше на Стефмрод Бриџ минатата сезона, Мурињо гордо покажуваше три прста алудирајќи дека тој е единствениот тренер кој на Челси му донел три титули на клубот во Премиерлигата.

Мурињо очајно посакува да го спречи Италијанецот да ги израмни овие две негови достигнувања.

4. Конте може да го направи она што Мурињо никогаш не го направил за Челси

Мурињо никогаш не ја освои титулата од Лигата на шампионите со Челси. За разлика од лани кога сините не играа во Европа, Конте ќе може да атакува на големиот пехар од европското натпреварување.

Манчестер јунајтед исто така ќе игра во Лигата на шампионите а тоа само ќе го зголеми ривалството помеѓу двата трениери.

5. Одмазда

Може да се каже дека и двата тренери најлошите перформанси ги имаа во меѓусебните дуели. Манчестер јунајтед загуби кај Челси со убедливи 4-0, а Конте беше тотално надигран во април на Олд Трафорд кога Јунајтед победи со 2-0.

Иако резултатот од 2-0 и не е некое понижување, на тој натпревар Мурињо тактички го „уништи“ својот ривал кој иако ја освои шампионската титула, изгледаше тотално немоќно.

Во новата сезона и двајцата ќе сакаат да го надмудрат противникот, па се очекува нови возбудливи дуели помеѓу големите стратези.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани