Тренерот на Вардар, Срѓан Захариевски потенцираше дека тие на секој натпревар ќе одат на победа, а ако фудбалерите добијат на самодоверба ќе дојдат и резултатите.
Вардар против Гостивар го одигра најдобриот натпревар оваа сезона, тоа беше и деби на клупата на Срѓан Захариевски кој има задача да го стави тимот во подобар колосек.
„Од првиот ден кога дојдов кажав дека на секој меч ќе одиме на победа и ќе се бориме максимално. Вардар може повеќе и подобро. Кога играчите ќе сфатат дека можат да се натпреваруваат со сите, ќе направиме повеќе. Фудбалерите сега немаат голема самодоверба, кога ќе дојдат победите, вербата ќе се зголемува и Вардар ќе почне да игра поквалитетно“, вели Захариевски.
„Ние на секој меч ќе играме агресивно и ќе се бориме, треба и да поминеме повеќе време заедно и се надевам дека како ќе одминуваат мечевите така ќе играме се подобро“.
Вардар денеска заминува во карантин со цел во мирна атмосфера да се подготви за утрешниот куп натпревар против Новаци кој го игра на гостински терен.