Манчестер јунајтед со 0-3 славеше против Саутемптон, Онана одбрани пенал и им даде ветер во грб на своите соиграчи, кои веднаш реагираа и со головите на Де Лихт, Рашфорд и Гарначо се погрижија за комфорна победа.
Во првиот натпревар од 4. коло во Премиерлигата, Манчестер јунајтед стигна до три бода на „Сент Мерис“.
Домаќините имаа огромна шанса да поведат во 33. минута, добија пенал по еден неспретен старт на Далот, но Онана го одбрани ударот на Арчер и им даде ветер во грб на своите соиграчи.
Па веќе во 35. минута, Де Лихт го постигна својот деби гол и со глава ја затресе мрежата на Саутемптон за 0-1.
Пред крајот на првиот дел, Рашфорд прецизно пласираше од работ на шеснаесетникот и со помош на стативата го матираше Рамздејл за 0-2.
Во второто полувреме немаше премногу возбудувања се до финишот, кога „светците“ останаа со играч помалку, а по една одлична акција, Гарначо ги постави конечните 0-3 во 96. минута.