Екипата на Ливерпул продолжи со фуриозните партии во Премиер лигата, а во третото коло се прошета на „Олд Трафорд“ и со убедливи 0-3 го совлада Манчестер Јунајтед.
Избраниците на Арне Слот покажаа доминација, беа практично единствениот тим кој креираше и беше опасен на теренот во Манчестер, а расположени беа и првите ѕвезди на тимот. Мохамед Салах постигна гол и забележа две асистенции за Луис Диаз, одново докажувајќи дека Јунајтед му е еден од омилените ривали.
Во првото полувреме по две груби грешки на Касемиро, Ливерпул искреира акции кои имаа идентична завршница. Салах нафрлуваше, а Луис Диаз во 35 и 42 минута погоди за двојна предност.
Продолжението исто така му припадна на гостинскиот состав. Мохамед Салах успеа во 56 минута да зголеми на 0-3, но можеше да даде барем уште еден гол. Манчестер Јунајтед беше безидејен и тоа резултира со прв меч сезонава без постигнат гол, а од друга страна Ливерпул третпат во низа не прими гол и одржа чекор со Манчестер Сити.