Весли Снајдер беше еден од лидерите на Интер во походот на фамозната „триплете“ во сезоната 2009/10 во која со Жозе Мурињо на клупата ги кренаа трофеите во Серија А, Копа Италија и Лигата на шампините.
Општ впечаток беше дека Снајдер требаше да ја освои „Златната топка“, но таа како и во неколку други наврати му припадна на рекордерот Лионел Меси. Холанѓанецот сега доби прашање и отворено кажа дека требало да биде избран за најдобар, но посочи еден интересен момент.
„Сметам дека ја заслужив „Златната топка“, но сега веќе не е важно. Историјата не може да се менува. Една работа сепак е важна. Секогаш ме прашуваат за тоа. Минаа десет години, а луѓето се разочарани од одлуката и ме сожалуваат. Само по себе тоа е голем израз на благодарност на навивачите кон мене. Огромен комплимент. Тоа значи дека за навивачите и новинарите тоа прашање не е мртво, туку актуелно.
Општото мислење е дека имам статус на жртва. Тоа ме прави среќен и не знам дали ќе бев посреќен ако всушност го добиев признанието. Освен тоа, цел живот сонував за Лигата на шампионите, а не за „Златната топка“, така што сеедно си ја исполнив животната цел“, изјави Снајдер.
Во тимот на Интер соиграч на Снајдер му беше и македонската фудбалска легенда Горан Пандев кој беше еден од „џокерите“ на Мурињо во таа сезона и имаше добар удел во освоените трофеи.