Македонските надежи денеска од 18 часот ќе истрчаат на теренот во Бидгошч барајќи ги првите бодови на Европското првенство, нашите фудбалери велат дека Србија носи и дополнителни мотиви.
Македонија одигра одличен натпревар против Шпанија и покрај превисокиот пораз од 5-0. По мечот немаше негативни критики, напротив јавноста беше воодушевена од играта на нашите фудбалери кои дури 24 пати шутнаа кон голот на силниот противник.
Денеска пред Македонија е нов предизвик, играме против селекцијата на Србија која загуби во првото коло од Португалија.
Дел од македонските фудбалери велат дека ќе имаат посебна мотивација на дуелот со Србија поради потценувачкиот однос кој го имаше оваа селекција кон нас изразен веднаш по ждрепката.
Милевски најави дека нема да отстапи од офанзивната тактика и Македонија ќе атакува на победа против Србија, во составот ќе направи некоја замена во однос на момците кои настапија против Шпанија.
Фаворитската улога е на страната на Србија, но Македонија и во квалификациите и против Шпанија покажа дека може без респект да игра против било кој противник и така ќе биде и денес.
Со три бода од натпреварот против Србија теоретски ќе ги задржиме шансите за полуфиналето како најдобра второпласирана селекција.
Натпреварот помеѓу Македонија и Србија почнува од 18 часот.