Фудбалерите на Милан одиграа нерешени 2-2 против Торино на стартот на сезоната во Серија А. Избраниците на Пауло Фонсека губеа со 0-2 до 89. минута, а потоа со головите на Алваро Мората и Ноа Окафор дојдоа до израмнување и конечно реми.
По натпреварот на јавноста ѝ се обрати новото засилување за нападот на Милан, Алваро Мората, кој беше многу реален со своите зборови.
„Ова не беше добро деби за мене бидејќи не победивме. И покрај тоа испративме порака. Бевме практично мртви, а на крајот да потраеше мечот уште пет минути ќе победевме. На Милан му е потребна промена на менталитетот. Секој натпревар во Серија А ќе биде тежок, секој натпревар во Лигата на шампионите, Копа Италија, исто така… Треба да се разбере дека ако сакаш да освојуваш титули, мора вредно да работиш и само да работиш. Мора да се прават повеќе фаули, да се биде поцврст. Ќе се обидам да го наметнам тоа на соиграчите.
Не можам да ветам голови, не можам да ветам ниту титули. Сепак, нешто што можам да го ветам е дека секогаш ќе го давам својот максимум“, заврши Мората.
Шпанскиот репрезентативец на својот прв официјален натпревар за „росонерите“ успеа да направи разлика и постигна гол. Покрај тоа, тој влегуваше во шанси, имаше поништен погодок и досуден пенал кој по ВАР проверка беше „одземен“.