Италијанскиот гигант Милан успеа да заврши голема работа, откако потпиша прв професионален договор со талентираниот Франческо Камарда.
Младото момче кое во март наполни 16 години веќе дебитираше и за првиот тим во изминатата сезона. Камарда важи за еден од најголемите таленти не само на Милан, туку и на Италија меѓу напаѓачите. Тој е веќе стандарден во повозрасните селекции, играше за Италија У17, а во јуни го имаше и дебито за репрезентацијата до 19 години за која на два меча даде исто толку гола.
На 25 ноември 2023 година, со 15 години, осум месеци и 16 дена Камарда стана најмладиот дебитант во калчото, откако влезе како резерва во дуелот со Фиорентина. Неговата пазарна вредност според „Трансфермаркт“ веќе сега е 10 милиони евра, а Милан не сакаше да ризикува да го загуби и го „врза“ со договор.
Камарда е дете на клубот, заљубеник во историјата и сегашноста на Милан, а често знае да се појави и на трибините меѓу најжестоките навивачи. 16-годишникот сега парафира договор до 2027 година, меѓутоа нема сомнеж дека и тој и Милан гледаат заедничка иднина.
Во следната сезона Франческо Камарда ќе биде дел од Милан Футуро, вториот тим на „росонерите“ кој ќе дебитира во Серија Ц.