Фудбалскиот клуб Комо по повеќе од две децении пак ќе игра во италијанската Серија А. По одличните настапи меѓу второлигашите, сосема заслужено Комо се избори за место во елитата.
За кам-бекот во Серија А, тимот ќе биде воден од Цеск Фабрегас. Човекот кој е ко-сопственик на клубот и таму ја заврши кариерата веќе некое време работи во тренерските води. Шпанската легенда прво беше тренер, но мораше да отстапи бидејќи немаше УЕФА А-лиценца. Сега откако ја доби, Фабрегас и официјално ја презеде клупата и ќе го води тимот како тренер.
Во претходните денови Комо го промовира Пепе Реина како нов голман на тимот, а вчера пристигна и Алберто Морено. Поранешниот фудбалер на Ливерпул доаѓа по истекот на договорот во Виљареал и ќе биде засилување за бековските позиции.
Покрај тоа, Комо сериозно работи на аквизиција на светски првак со Франција, Рафаел Варан. Искусниот стопер остана без клуб откако замина од Манчестер Јунајтед, а во недостиг на опции е близу до потпис со новиот италијански прволигаш.