Фудбалската сезона во Европа кулминира, во Кардиф се игра финалето од Лигата на шампионите

by
2 минути читање

Реал Мадрид ќе се обиде да стане првиот тим кој ја одбранил големата круна во Лигата на шампионите, Јувентус атакува на нов трофеј од елитното натпреварување и тројна титула оваа сезона со која би го повторил успехот на Интер.

Шпанскиот шампион е најтрофејниот тим кога станува збор за европските шампионски титули. Дури 11 пати седнал на највисокиот престол, пет од нив откако натпреварувањето го добива форматот како Лига на шампиони.

„Завршивме напорна работа во текот на целата сезона, ја освоивме Примера и дојдовме до ова финале. Најважно е што сите сме подготвени. Во фудбалот треба да дадете се од себе. Сум загубил многу натпревари па знам дека можно е да загубиме. Истото е и за Јувентус. Ние ќе ја играме нашата игра, знаеме дека играме против голем тим. Сите кои сакаат фудбал сакаат да видат едно одлично финале. Ние секогаш сме фаворити, но во реалноста во финалињата нема фаворити, шансите се 50-50“ – вели Зинедин Зидан.

Јувентус осум пати играл во големите финалиња, но само два пати го кренал трофејот, дури шест ноќи со наведната глава го напуштил теренот по завршниот меч.

„Работевме цела година за ова. Нема да биде лесно бидејќи Реал Мадрид ја брани круната, но ние знаеме што градевме преку цела сезона и ќе се обидеме да дадеме малку повеќе од Реал Мадрид. Работевме напорно преку цела година. Сите трофеи и победи кои ги имавме оваа година се некој вид на тренинг за големото финале“ – вели Масимо Алегри.

Зинедин Зидан и Масимо Алегри немаат проблем со повредени фудбалери, сите се подготвени да го дадат максимумот. Двата тима ја завршија сезоната во одлична форма, ги освоија домашните титули и сега тргнуваат по континенталната круна.

Овој дуел со посебно внимание ќе се следи и во Македонија, освојувачот на трофејот во август ќе истрча на „Филип Втори“ Арената на дуел со Манчестер јунајтед од Суперкупот на Европа.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани