Денеска со почеток од 17 часот на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, Струга го пречекува Слован Братислава во реванш дуел од квалификациското коло за Лигата на шампионите, словачкиот тим го доби првиот дуел со 4-2.
Македонскиот шампион, Струга ќе има тешка задача да надополни негатива од два гола разлика против ривал кој е поквалитетен од нив. Но и покрај тоа, Стружани се надеваат дека ќе направат изненадување, сигурно нема на теренот да излезат со бело знаме.
„Ги анализиравме нашите грешки од првиот меч со Слован, работиме да се повторат. Имавме периоди во кои бевме доминантни, но и периоди кога не бевме на нивото, особено на крајот. Разговаравме со играчите, видов позитивна енергија кај нив, веруваме дека Словаците не се непобедливи. Мислам дека можеме да ја достигнеме разликата од два гола. Сите во клубот сме оптимисти, веруваме во резултат со кој ќе ја поминеме оваа рунда“, вели тренерот Ќатип Османи.
Слично размислува и Бесарт Ибраими кој ги постигна двата гола за Струга во Братислава.
„Го анализиравме последниот меч против Слован во Братислава и верувам дека нема да ги повториме грешките. Се надевам дека сега среќата ќе биде на наша страна. Веруваме во позитивен резултат, иако е јасно дека ќе биде тешко“, рече Ибраими.