Селекторот Милевски денеска го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета за Европското првенство во Полска. Тој е оптимист и покрај тешката група која ја има Македонија.
„На списокот се фудбалерите кои играа во квалификациите и го направија овој историски успех. Списокот ќе биде дополнет со уште неколку фудбалери од генерацијата 96/97. Би бил среќен ако сите повикани се здрави и подготвени за предизвикот“ – вели селекторот Милевски.
„Знаеме со каков квалитет располагаат противниците со кои ќе играме во Полска. Тоа се селекции составени од фудбалери кои играат во најсилните првенства и зад себе имаат натпревари на највисоко ниво. Но така беше и во квалификациите, ако можевме против Франција, зошто да не можеме и против Шпанија, Португалија и Србија. Веќе покажавме дека можеме да се надигруваме со сите“.
Европското првенство до 21 година се игра во Полска од 16. до 30. јуни. Македонија е во група со Шпанија, Португалија и Србија.