Денеска се одиграа два натпревари од 9. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Тиквеш со 3-0 славеше лесна победа над Брегалница, Силекс врза шест меча по ред без триумф, одигра 1-1 на гостувањето кај Арсими.
Тиквеш фуриозно го почна мечот против Брегалница, поведе уште во третата минута со гол на Лавал по еден корнер изведен од Николовски.
Веќе во 16. минута кавадаречкиот тим поведе со 2-0. Ристе Темелков несреќно ја зафати топката и ја испрати во сопствената мрежа.
Конечните 3-0 беа поставени во второто полувреме, Николовски пак ја имаше улогата на асистент, Луизаинињо беше стрелец на голот.
Силекс никако да победи, веќе шест натпревари по ред не знае за триумф. Мечот кој го играа на гостински терен кај Арсими заврши нерешено 1-1.
Во првиот дел мрежите мируваа. Натпреварот беше отворен во второто полувреме кога Џемаили си постигна автогол за водство на Силекс од 1-0.
Арсими брзо го израмни резултатот, Гаје постигна гол за бод на домашниот тим.