Тетовска Шкендија
сезонава не ги оствари своите амбиции и цели во домашниот шампионат, на стартот
имаше блескаво изданије во квалификациите за Лига Европа, но целосно потфрли во
битката за титулата во Македонија каде беше немоќен да го следи лидерот Вардар.
„Не секогаш
навивачите и јавноста беа задоволни од резултатите и достигнувањата на нивниот
омилен клуб. Со право сите очекуваа големи резултати поради големите вложувања
во клубот, сосема нормално беше да се очекува Шкендија да биде на врвот и да
биде гордост на сите навивачи“ вели првиот човек на Шкендија, Лазим Дестани.
„Како компанија,
без двоумење се решивме да инвестираме во клубот, бидејќи го испочитувавме
ентузијазмот на навивачите и нивната желба ние да бидеме главни спонзори на
клубот. За жал, ние како компанија и вие како навивачи за момент чувствуваме
заедничко разочарување, болката на навивачите е истовремено и наша болка. Но,
едно е сигурно, сигурни сме дека ќе застанеме цврсто на победничките патеки“
дополнува сопственикот на моќната компанија „Еколог“ која воедно е главен
спонзор на Шкендија.
Дестани
потенцираше дека во претстојниот период ќе следи консултации за тоа како
понатаму, истакнувајќи дека целосно ја чувствува тежината на одговорноста пред
себе.
„Денес стојам
пред еден голем предизвик и големо прашање – Што понатаму со Шкендија?…
Нашето бизнис патување е проследено со низа предизвици и жртви, но знаеме само
за успех. Во принцип, ние никогаш не се откажуваме од предизвиците, затоа
неуспехот не го прифаќаме како опција, сега сериозно ќе ја проследиме секоја
опција за иднината на клубот. Ја чувствуваме тежината на оваа голема
одговорност за тоа како да се продолжи понатаму, односно како да го направиме
тоа… Одлучен сум во намерата да се направат сериозни консултации и да се
одлучи за следните чекори кои ќе ги преземеме во Шкендија“ завршува Дестани во
своето обраќање.
Од излагањето на
Дестани несомнено се говори дека ќе следат големи промени во клубот, останува
отворено прашањето дали се мисли на создавање амбициозен состав за остварување
на историски успех во претстојните квалификации во Лига Европа, нешто што лани
беше на дофат, но не се оствари.
Извори за „24фудбал“
ја исклучуваат можноста Лазим Дестани да се повлече од Шкендија, притоа
дополнуваат дека станува збор за следните чекори кои „Еколог“ ќе ги преземе во
клубот, притоа дополнуваат дека главната опција е креирање силен тим за Лига
Европа.
Тетовските „црвено-црни“
сезонава изборија настап за претстојните квалификации за групната фаза од Лига
Европа, но ја загубија битката за титулата во домашниот шампионат зад лидерот
Вардар, притоа загубија во финалната пресметка за трофејот во Националниот Куп
на Македонија.
Шкендија лани
оствари голем успех во квалификациите за Лига Европа, каде стигна до плејоф
рундата и забележа елиминација од белгиски Гент (1-6), на еден чекор до
историскиот успех. На патот кон бараж рундата од ова натпреварување елиминираше
силни противници како Краковија од Полска (4-1), Нефчи од Азербејџан (1-0), односно Млада
Болеслав од Чешка (2-1).