Манчестер Сити е во пол позиција и треба да се случи големо изненадување за да не обезбеди место во елитното европско натпреварување. Тимот на Пеп Гвардиола има 75 бода и му гостува на Ватфорд каде треба да биде непоразен, да освои барем бод за сигурно да се пласира во Лигата на шампионите.
Сити може и со пораз да заврши во топ четири, има подобра гол разлика од Арсенал кој треба да биде убедлив ова коло за да се надева и на една таква варијанта. Манчестер Сити има +36 голови, Арсенал +31.
Ливерпул има 73 бода, еден повеќе од Арсенал. Тимот на Јирген Клоп на свој терен игра против Мидлзборо кој веќе испадна во Чемпионшип. Навидум лесна задача за Ливерпул, но ваквите мечеви знаеле да бидат тешки, кога едниот има императив да победи, а другиот е растеретен од било каков притисок. Сепак, „црвените“ имаат голема шанса да се вратат во Лигата на шампионите.
Арсенал е во најнеповолна позиција, мора да го победи Евертон на свој терен, но чека и кикс на некој од ривалите, особено Ливерпул. Големи се шансите Арсен Венгер за прв пат да не го пласира Арсенал во Лигата на шампионите.
Сите натпревари од последното коло во Премиерлигата се играат денес со почеток од 16 часот.