По три години неактивност, повторно во калчото се враќа култниот клуб Киево Верона. Најзаслужен за овој „успех“ е клупската легенда Серџо Пелисиер. Поранешниот фудбалер имаше голема желба да го врати клубот во живот, откако во 2021 година поради финансиски причини истиот исчезна од мапата.
Пелисиер имаше тешка битка зад себе, тој формира клуб кој тргна од аматерските лиги и стигна до Серија Д – Кливенсе, а истовремено се бореше да го добие назад брендот и името на легендарниот клуб. По долга правна битка, легендата успеа во своите намери и конечно – го доби правото на брендот Киево Верона.
„Уште едно ветување е исполнето. Откако го обезбедивме брендот на Киево Верона, 800 членови на Кливенсе одбраа да го носиме тоа име. Така, во Серија Д во сезоната 2024/25 клубот ќе се вика АЦ Киево Верона. Клупските бои сепак ќе останат во чест на Кливенсе, а тоа се бела и сина“, соопшти Серџо Пелисиер.
Оваа сезона Кливенсе се натпреваруваше во четвриот ранг на фудбалот во Италија, односно во Серија Д – група Б. Токму во овој ранг од следната сезона се враќа Киево Верона.