Кога зборуваме за бизарни ситуации во фудбалот, веројатно оваа на Матија Калдара се вбројува меѓу најинтересните.
Сега веќе 30-годишниот стопер пристигна во редовите на Милан во 2018 година во зделка вредна речиси 38 милиони евра. Тој е едно од најскапите засилувања на „росонерите“ во историјата, а во клубот не покажа апсолутно ништо. Иако дојде од Јувентус како млад и талентиран фудбалер, повредите ја диригираа кариерата на Калдара. Беше позајмуван во Аталанта, Венеција и Специја, но оваа сезона остана во Милан и не запиша ниту еден меч – сè до последното коло.
Имено, Калдара дебито во Серија А со Милан го имаше шест години по доаѓањето во клубот, а уште поинтересно е дека дебито му е и последен натпревар за „росонерите“!
Скапо платен и со релативно висока плата, Калдара го одработи договорот со Милан, а во него запиша само три официјални настапи. Првиот му беше во 2018 година, во квалификациите за Лигата на Европа против Дуделанж од Луксембург, а вториот во полуфинале на Копа Италија една година подоцна против Лацио. На трет настап за Милан чекаше пет години, па сега му истекува договорот и си заминува од клубот…