Голманот на Костарика Кејлор Навас по цели 16 години нема да брани за својата репрезентација.
Чуварот на мрежата на Пари Сен Жермен собра 114 настапи во дресот на својата репрезентација. Тој ја предводеше Костарика и до четвртфиналето на Мундијалот во 2014 година кој се играше во Бразил, а настапи и на првенствата во 2018 во Русија и во Катар во 2022 година.
Последен пат голот на Костарика го чуваше во март оваа година во пријателски натпревар против Аргентина.
„Сакам да ви се заблагодарам на сите од срце за спомените кои ги направивме заедно. Испишавме историја играјќи против најдобрите фудбалери во светот. Успеавме да го подигнеме името на Костарика на највисоко ниво“, порача 37-годишниот голман.
Навас во кариерата со Реал Мадрид трипати во низа ја освојуваше Лигата на шампионите, а освои и една титула шампион на Шпанија. По пет сезони поминати во Мадрид одлучи да се пресели во ПСЖ со кој трипати ја освојуваше шампионската титула во Франција.
Во меѓувреме минатата полусезона ја помина на позајмица во Нотингем Форест. Договорот со клубот од Париз му истекува во јули оваа година и нема да биде продолжен.