Легендарниот босански фудбалер, Миралем Пјаниќ стави крај на репрезентативната кариера, тој со емотивно писмо се прости од националниот тим.
34-годишниот фудбалер кој настапуваше за Рома, Јувентус, Барселона… Миралем Пјаниќ, стави крај на репрезентативната кариера.
Тој за Босна и Херцеговина одигра 115 натпревари, беше капитен, а и дел од селекцијата која се пласираше на Светското првенство. Пјаниќ со многу емоции става крај на репрезентативната кариера.
„По 16 години за мојата Босна и Херцеговина дојде момент да кажам завршено е. Ова сигурно е една од најтешките одлуки кои морав да ги донесам, но со огромна гордост и вистинско задоволство велам – доста е“, вели Пјаниќ.
„Одиграв 115 натпревари, искусив толку радости, одење на Светско првенство – сѐ беше сон кој го имав како мало дете и кој стана реалност“.
„Секогаш со љубов и гордост го носев дресот на својата држава, играв за својот народ, за нашите верни навивачи низ целиот свет. Им благодарам на сите селектори, медицински особи и економи кои беа дел од целото ова патување“.
„Им благодарам на навивачите што веруваа во мене и ми помогнаа да го остварам својот сон и играм за државата која ја сакам. Најголема благодарност оди за моите родители и целото семејство – бевте моја сила и поддршка низ сѐ. У секој клуб во кој играв бев горд Босанец, секогаш се трудев да бидам пример за нашите деца, надевајќи се дека и тие еден ден ќе играат за најголемите светски клубови. На репрезентацијата и посакувам сѐ најдобро во иднина. Сергеј, мајсторе, ти посакувам сѐ најдобро, ми беше пример. Нѐ водеше до висина, се надевам дека повторно ќе нѐ поведеш на патот до успехот. Те сакам Босно моја“.