Англиските екипи оваа сезона доживеаја фијаско на европски план. Ниту еден претставник во полуфиналињата на двете најквалитетни европски натпреварувања не е од „островот“, а пред елиминација од Конференциската лига е и Астон Вила.
Поради тоа, на оваа тема реши да зборува Јирген Клоп. Германецот застана во одбрана на фудбалерите во Англија кои играат премногу натпревари во сезоната, а тоа се одразува и на перформансот.
„Гледајќи ја Астон Вила како губи во Конференциската лига, делува дека Англија ќе нема ниту еден тим во европско финале оваа сезона. Треба да се запрашаме, дали е сега моментот да го намалиме интензитетот врз фудбалерите? Ако ниту еден англиски тим не игра финале во Европа, дали сме потфрлиле? Премиер лигата е најквалитетна лига на светот, не е преценета, но играчите се преработени. Некој треба да им помогне на овие луѓе, понекогаш да се скрати по некој натпревар.
Следната сезона во Лигата на шампионите ќе имаме по два натпревари повеќе. Тогаш зошто да не се скрати двомечот во Лига купот? На едно гостување ми кажаа дека сме биле платени за да го правиме тоа. Но тие не гледаат дека наместо ние да го играме, фудбалот нè игра нас. Треба да се вратиме на фудбалот, а не само да цедиме. Ова е совет од еден старец кој заминува оттука. Навивачите можат да преживеат без натпревар од време на време“, изјави Клоп.
По крајот на сезоната Јирген Клоп ќе ја заврши својата авантура на клупата на Ливерпул и најави дека сака да одмори од фудбалот.