Бесарт Ибраими веќе подолго време е „крал“ на стрелците во Првата македонска фудбалска лига. Пред околу четири години овој напаѓач го надмина Баже Илијоски како најдобар стрелец во мак-фудбалот, а во поразот на Струга од Тиквеш (3-2) запиша и јубилеј.
Искусниот голгетер беше двоен стрелец, реализира од игра и од белата точка и со тоа дојде до бројката од 200 погодоци во елитниот ранг на фудбалот во Македонија. Бројките на Ибраими се навистина импресивни и тешко достижни, а тој не планира да застане и константно го надополнува својот рекорд.
Во кариерата на Бесарт Ибраими имаше и интернационални предизвици во Германија, Кипар и Украина, меѓутоа најголемиот дел од фудбалскиот живот го мина играјќи и тресејќи мрежи во ПМФЛ.